Сашо Огненовски – Турнеја

250,00 ден

Малку се делата во македонската литература, чиј тематски интерес е театарската уметност. Исто така, малку се и оние чија жанровска определба е сатирата. Романот „Турнеја“ ги има и двата прерогативи: неговата тема е театарот и неговите болни точки, неговите постојани страдања од социјални, но и од политички аспекти. Романот „Турнеја“ е посветен на мрачните и деструктивни атаци од кулоарите врз егзистенцијата на самата институција, на она што е секогаш плевел не само во театарската уметност, на болните висури како што се дезинформацијата и квазиинтелектуализмот. Сместена во блиска иднина, оваа приказна за огромната турнеја што постојано ја растураат настани што не се од уметничка природа, возбудува, но и поучува. Конечно, оваа тензична приказна во која театарот е распнат помеѓу желбата за надмоќ и она што значи уметничко дело е огледало на оние состојби што се случуваат зад сцената, надвор од институцијата или, можеби, во некакви други простори, кои, за жал, определени како примарни, ѝ ја потпишуваат смртната казна на оваа синтетичка и исклучително интересна уметност.

Васил Тоциновски

Маргарет Атвуд – Приказната на робинката

600,00 ден

„Тонам длабоко во своето тело како во бара, мочуриште, во кое само јас знам каде да стапнам. Предавничко тло, моја територија. Станувам земјата на која го ставам увото за да ги слушнам озборувањата од иднината.“ „Јас сум облак, згуснат околу еден средишен предмет во форма на крушка, којшто е цврст и повистинит од мене и руменее внатре во својата проѕирна обвивка. Внатре има простор, голем како небото; ноќе, темен и кривулест, повеќе црвено-црн одошто црн. Точките светлина набабруваат, болскотат, прскаат и свенуваат во него, безбројни како ѕвездите. Секој месец се појавува месечина, огромна, тркалезна, тешка, зол предзнак. Преминува, застанува, продолжува и заминува, а јас го гледам очајот како доаѓа кон мене како глад. За да се почувствувам толку празна, повторно, повторно. Си го слушам срцево, бран по бран, солен и црвен, продолжува и продолжува, го означува времето.“

Маргарет Атвуд – Завети

700,00 ден

„Нашето заедничко време, читателу, се приближува кон крајот. Веројатно на овие мои страници ќе гледаш како на кревка кутија со богатство, која треба да се отвори со крајна внимателност. Веројатно ќе ги искинеш или ќе ги запалиш: тоа често им се случува на зборовите.“ „Во рацете држиш опасно оружје наполнето со тајните на три жени од Галад. Тие ги ризикуваат своите животи заради тебе. Заради сите нас.“ „Пред да влезеш во нивниот свет, наоружај се со овие мисли: Знаењето е моќ и Историјата не се повторува, но се римува.“

Оливера Ќорвезироска – Престапни години

400,00 ден

Секој ден од годината е нечиј роденден, именден, празник, Светски ден на „ова или она“. Роденденот на волуменозниот, минуциозно осмислен и (до збор) виртуозно изведен прозен проект на Оливера Ќорвезироска, книгата едноставно наречена Престапни години, е вистински празник за современата македонска микрофикција. Овој „прозен календар“ на Ќорвезироска е вистински читателски деликатес (и во квантитативна и во квалитативна смисла). Пред нас се 366 вибрантни, луцидни и вдахновени куси прози, микрофикции, кои осцилираат меѓу кус расказ, дневнички запис, микроесеј, цртичка, прозен медалјон, прозен фрагмент… Оливера Ќорвезироска е авторка која и во прозните и во книжевно-критичките остварувања му посветува речиси опсесивно (во најубава смисла) внимание на јазикот и како основна алатка на создавањето уметнички светови, но и како нешто што е постојано живо, свето и слоевито. Затоа, еден вид главен јунак во овие куси приказни е токму јазикот (и економијата на јазичниот израз). Во само неколку реченици покрај рефлексиите за проникнувањата меѓу животот и уметноста, еден вид лајтмотив на ракописот е проникнувањето на личната приказна и премрежјата на нашево време. Притоа, формулата и структурата на Престапни години е едноставна: по една куса проза за секој ден од календарот на една престапна година. И во престапните и во „обичните” години, пред нас е книга што секој ден од годината може да ни го претвори во Светски ден на читателските наслади.

Владимир Мартиновски

Сања Михајловиќ-Костадиновска – Во кратки црти

150,00 ден

Збирката е подредена во три кохерентни циклуси: „Средби и сеќавања“, „Метаматерија“ и „Замислени светови“. Расказите се запишани во трето и почесто во прво лице, од веродостоен наратор, кој сепак повремено како со сласт да ужива и во неверодостојност, користејќи ја за заводливо да го води читателот низ приказната. […] Речиси сите раскази се сместени во апстрактни временско-просторни координати, кои сепак се некаде во современоста и во урбани средини, а тоа остава впечаток на автобиографичност на расказите. Но, овој пристап (неретко исповедниот тон и одмерената лиричност, кои ни за миг не оддаваат нијанси на патос) може да се гледа како мала, незабележлива и успешно приредена замка, а онаа нежна, спонтана запрашаност помеѓу можноста на автобиографијата и извесноста на фикцијата е само уште една питка одлика на оваа збирка. […] Живко Грозданоски

Томислав Османли – Стрип – деветтата уметност

500,00 ден

Во „Стрип – деветтата уметност“, како што загатнува насловот, Османли хируршки прецизно ја обработува стриповската полисемичност, внимателно анализирајќи го неговиот јазик и законитостите што го прават стрипот засебна уметност, и темелно истражува низ неговото минато доловувајќи дел од најбитните дела од деветтата уметност. Наспроти општото непрецизно мнение за стрипот како ништо повеќе од жанровска определба, засилено од холивудскиот тренд за филмување американски стриповски суперхерои, Османли одговара со пробивање на жанровските и тематски стеги и оди отаде стилските лимитации. И, водејќи се од мислата на стрип класикот Берн Хогарт за тоа дека „стрипот не треба да се бори да стане уметност, зашто тој веќе е тоа, но треба да се бори за неговото рамноправно место меѓу другите уметности“, Османли ѝ пристапува на оваа уметност како на (вистинска) уметност – академски, со сериозна посветеност и задлабочено.

Александар Стеванов

Миљенко Јерговиќ – Иншала, Мадона, иншала

500,00 ден

„Иншала, Мадона, инашала“ е збирка раскази во кои се прекрстуваат традиционалната и современата проза, Западот и Ориентот, минатото и сегашноста, христијаните и муслиманите, босанските севдалинки и далматинските клапи, Каурите и Турците, Османлиската и Хабсбуршката империја, старата и новата Југославија, Хрватите, Босанците, Србите, Црногорците, Далматинците, Херцеговците, Арапите, Евреите – сето она што ја прави Босна истовремено меланхоличен и живописен предел, исто како што во севдата се соединети љубовта и болката. Јерговиќ на уникатен начин ги опишува социјалните прилики во Босна и Херцеговина и Хрватска. Низ приказни пишувани како ремикс на народни песни и севдалинки, со сликовит и жив јазик, кој не бега ни од несекојдневните и нестандардните изрази (архаизми, исламизми и несекојдневни фразеологизми), Јерговиќ ја слика тешката стварност на Босна низ вековите. Во расказите е ставен силен акцент на меѓуверските односи помеѓу христијаните и муслиманите низ историјата, но и во сегашното време. Сепак, расказите не се дидактички, па поуката е скриена некаде во заднина, оставена на читателот самиот да ја досегне, иако е можно да се каже дека секоја приказна има своја главна мисла, но заедничкиот именител им е истакнувањето на бесмисленоста на меѓуверската омраза, како и на долговековната реалност на овие простори.

Данило Коцевски – Интелектуалци, политика, култура

500,00 ден

Новата книга на Данило Коцевски – „Интелектуалци, политика, култура“, изобилува со критичко-есеистички интонирани текстови, сѐ до нагласено полемички теми. Во нив низ критичка опсервација на низа актуелни случувања од областа на книжевноста, културата, политиката, филозофијата и урбаните феномени е прикажан духот на нашето време. Данило Коцевски во оваа книга ја анализира улогата и позицијата на интелектуалците во современото општество. Книгата е поделена на три дела. Секој дел од тријадата „интелектуалци, политика и култура“ го загатнува односот помеѓу интелектуалците, политиката и културата. Овој однос станува особено интригантен во денешното време, кога владее глобална релативизација на вредностите, каде што не постојат цврсти средишта, авторитарни тврдења, беспоговорни вистини, идеологии и толкувања. Коцевски, на својот единствен и оригинален начин, преку своите текстови ги анализира основните прашања на денешното живеење – каква е и во што се состои политичката улога на интелектуалците денес и каков е нивниот однос кон политиката, општеството и културата. Всушност, книгата „Интелектуалци, политика, култура“ дава луцидни коментари за интелектуалната и политичката состојба кај нас и во светот. Книгата „Интелектуалци, политика, култура“ е обид не да се „избега“, туку напротив, да се биде во фокусот на настаните.

Драго Јанчар – Џојсовиот ученик

250,00 ден

„Џојсовиот ученик“ од Драго Јанчар е збирка раскази изградени околу ликови вовлечени во значајни историски настани. Насловниот расказ е инспириран од страшната и вистинска животна приказна за Борис Фурлан, млад човек што одел на часови по англиски јазик кај Џејмс Џојс, додека тој предавал на универзитетот во Трст, воведувајќи ги своите студенти во суптилностите на јазикот преку описите на газиена ламба. Додека приказните обработуваат разни теми на различни локации и ситуации, од службено патување во Њујорк до аџилак до Сантијаго де Компостела, наративите споделуваат расположение на опасност и мрачност. Анонимни армии вршат масакри, лекар е опседнат со очите на Ајнштајн… Но, и покрај целата бруталност и смрт, читателот не ја чувствува книгата како мрачно или депресивно четиво. Низ расказите се чувствува и повев на остра смисла за хумор, што ја отвора вратата за нова светлина. Опишан како „сеизмолог на хаотичната историја“, Јанчар се потврдува како еден од водечките словенечки литературни гласови на неговата генерација преку оваа исклучителна збирка кратка фикција.

Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните

200,00 ден

„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).

Бојан Бабиќ – Илегален Парнас

250,00 ден

Главниот јунак на романот, провинциски архитект кому локалните безделничари му го даваат подбивниот прекар Курвазје, се обидува во родниот град М. да го изгради Парнас – комплекс градби сочинет од копии на делата на славниот архитект Ле Корбизје – културен центар каде што уметниците треба да се собираат и да работат на своите дела. Многу бргу се соочува со арогантноста на локалните политичари, заткулисните дејства на тајкуните и цела низа опструкции, типични за една темелно девастирана средина. Препуштен сам на себе и на својот идеализам, младиот архитект се обидува да го доврши своето животно дело, да го изгради она за што отсекогаш сонувал. Не сфаќајќи колку неговиот потфат е неостварлив, сместен во затворска ќелија, Курвазје запаѓа во сомнабулна состојба каде што се мешаат јавето и сонот, а неговиот свет сѐ повеќе станува фантазмагоричен и сеништен.

Бојан Бабиќ (Белград, 1977 г.) досега објавил девет книги поезија, кратки раскази и подолги прозни форми. За омнибус-романот „Девојчиња, бидете добри“ е награден со стипендија на „Фондот Борислав Пекиќ“. Израснал во Младеновац. Живее и работи во Земун.

Џорџ Орвел – За национализмот

400,00 ден

Ако конечниот тест на секое уметничко дело е неговиот опстанок, тогаш делата на Орвел несомнено го положија овој тест со најдобра оценка. Релевантноста на овие текстови се потврдува во сите цивилизациски периоди. Оваа збирка политички есеи силно го прикажува внатрешниот конфликт на Орвеловиот светоглед, Орвел уметникот и Орвел активистот, кои напати се во хармонија, а напати во расчекор. Орвел уметникот е заробен во магијата на зборовите, во ритамот на нивните низи, во деталите и нијансите, а Орвел активистот е разгневен од неправдата, буден учесник во создавањето и менувањето на општеството, негов строг критичар и набљудувач. Во некои помирни времиња можеби со сета енергија ќе ѝ се препуштел на уметничката естетика и стилистиката, но непосредното искуство со империјализмот, фашизмот и сиромаштијата ги активирале неговата политичка свест и одговорност. Овие есеи ја поткопуваат наивната разлика помеѓу политиката и секојдневниот живот, покажувајќи колку несвесно примаме пораки од вредносен и идеолошки тип, и колку сме подложни на пропаганда и манипулација.

Витолд Гомбрович – Дневник 1953-1958

700,00 ден

„Што е дневникот ако не особено: приватно пишување, правено за лична употреба? Таа различна појдовна точка на дневникот го разликува од сите други видови – и тоа колку важен вид! Книжевноста има двојна смисла и двоен корен: се раѓа од чиста, уметничка контемплација, од некористољубив стремеж кон уметноста; но, исто така, е лична пресметка на авторот со луѓето, орудие на неговата борба за духовен бит. Тоа е нешто што созрева во осаменост, творење заради самото творење; но, исто така, е и друштвена работа, свое наметнување на луѓето, уште повеќе, јавно создавање на себеси со помош на луѓето. Произлегува од копнежот по Убавината, Доброто, Вистината; но, исто така е и жед за слава, значење, популарност, триумф. Писателскиот дневник, изразувајќи го другиот, личен аспект на книжевноста, е дополнение на чисто уметничкото дело. И полна слика за творештвото ќе добиеме дури кога ќе го согледаме авторот во овие две димензии: како несебичен, објективен уметник и како човек што се бори за себе меѓу луѓето.“

„Дневник 1953–1958“ е првиот том од двотомните дневнички записи на Витолд Гомбрович. Исклучително дело што нема споредба во полската книжевност и што веќе повеќе од половина век не ја загубило својата актуелност. Од личните превирања на Витолд Гомбрович со целиот свет настанал дневник што ги преминува сите можни граници, што поведува премолчувани теми, на ироничен, циничен и сатиричен начин ги раскажува судбините на авторот, кој во дискусија со себе поведува дијалог како со разни струи што се појавуваат во хуманистиката (егзистенцијализмот, марксизмот, феноменологијата, структурализмот), така и со традицијата на полската култура.

Опус магнум благодарејќи на кој Гомбрович стекнал светско признание.