Алис Манро – Мил живот

350,00 ден

Облеани со онаа типична јасност на визијата на Алис Манро и нејзината неспоредлива дарба за раскажување, овие приказни за крајот и почетокот, за несреќата и опасноста, за заминувањето и враќањето, измислени и реални, сликаат блескави, неизбришливи портрети на чудниот, опасен и извонреден обичен живот. Едноставноста на јазикот во функција на комплексноста на животот достигнува неизмерни длабочини во чувствата.  Манровата единствена способност да ни ја дава суштината на животот во често куси, но секогаш пространи и безвременски приказни, уште еднаш е очигледна  во оваа брилијантна збирка раскази. Приказна по приказна, таа го осветлува моментот кога животот е трајно променет поради некоја случајна средба, непреземен чекор, или едноставно поради играта на судбината која ја носи личноста од вообичаениот, навикнат пат кон нов начин на битисување или размислување.

Миљенко Јерговиќ – Бјуик Ривера

350,00 ден

Романот „Бјуик Ривера“ е објавен во 2001 година и е преведен на десетина јазици. Според него, Горан Рушановиќ има снимено истоимен филм, кој беше апсолутен победник на Сараевскиот филмски фестивал во 2008 г. Романот на Јерговиќ не е книга за автомобилот како фетиш, за патолошката љубов на човекот кон него. Тоа е само лајтмотив за една приказна за Босна, за нејзините топли, а навидум крути луѓе, за нивните болни искуства и проклето несреќните судбини, за судирот на босанската мекост и простодушност со студениот, пресметлив и прагматичен свет на современата Америка, за проблемите во разбирањето меѓу тие две толку различни култури, за судирот на западната прагматичност и босанската импулсивност, за примитивниот страв од секоја другост…

Хенрик Шенкевич – Со оган и со меч

800,00 ден

Со оган и со меч“ е првиот роман од, можеби, најзначајното дело на нобеловецот Хенрик Шенкевич – „Трилогија“, која критиката ја вреднува како opus magnum на овој автор. Романот ги следи случувањата од историјата на Полска за време на козачкото востание на Хмељници (1648–1654) во Украина. Писателот, трудејќи се да поттикне патриотски чувства кај читателот, на романот му придодал карактеристики на витешки епос, вовел волшебни елементи и создал силни ликови што го репрезентираат доброто и злото.

Побунетите Козаци под водство на Хмељницки се претставени како варвари жедни за крв, а Полјаците како праведни и храбри бранители на татковината. Романот ги опишува историските личности и случувањата од полска перспектива, со голема симпатија кон полското благородништво што е индивидуализирано преку бројни епизодни личности, меѓу кои најмногу се истакнуваат ликовите на господата Заглоба и Лонгинус Подбипета, кои се прикажани како витези и бранители на христијанството, додека востаниците се обвинети за колежите, антисемитизмот и сојузот со Татарите, непријателите на татковината и на верата.

Во приказната мајсторски се преплетени голем број историски и фиктивни личности, вистински и измислени настани, како и бурната љубовна приказна на беспрекорниот витез – Јан Скшетуски и на прекрасната благородничка – Хелена Курчевичовна, кои, разделени од непријателите и злата судбина, преживуваат бројни перипетии.

Маргарет Атвуд – Алиас Грејс

600,00 ден

1843 година – Грејс Маркс е осудена на соучество во бруталното убиство на својот работодавец и на неговата домаќинка. Одлежувајќи ја доживотната казна, тврди дека целосно го загубила сеќавањето. Некои сметаат дека Грејс е невина, ангажираат за помош специјалист за ментални болести. Докторот ја ислушува приказната на Грејс, се повеќе приближувајќи ја до денот што таа не го памети. Какви спомени ќе успее да евоцира? Дали Грејс навистина извршила убиство? Маргарет Атвуд создава – врз основа на вистинската приказна на една од најзагадочните и најпознати жени од XIX век – восхитувачка, потресна и вознемирувачка приказна за сексуалноста, свирепоста и таинственоста.

Витолд Гомбрович – Бакакај

300,00 ден

Збирката раскази „Бакакај“ ги содржи раните творби на Гомбрович. Тоа првото дело што го објавил Гомбрович под насловот „Мемоари од пубертетот“, но при преобјавувањето на делото, самиот Гомбрович го променил насловот во „Бакакај“, според називот на улицата на која живеел во Буенос Аирес. Читањето на овие раскази дава поим за литературното мајсторство и за оригиналната опсервациска замисла на авторот и го олеснува разбирањето на неговите подоцнежни дела. Расказите во „Бакакај“ го откриваат фасцинантниот свет што го создал Витолд Гомбрович, еден од најважните и најдобрите писатели на дваесеттиот век. Во бизарните, фантастични и комични раскази, неговите ликови стануваат дел од модерното време, тие сонуваат, патуваат, лудуваат… Во „Бакакај“ се претставени луѓе од соседството во театрален секојдневен апсурд, во кој се можни и најфантастичните мисли и случки.

Златко Ѓелески – Понор

300,00 ден

„[…] Понор е збирка раскази, во кои авторот Ѓелески продолжува, со уште порадикална потреба, да ги истражува и да ги поместува креативните потенцијали на современиот, урбан и нему лично омилен – хорор-жанр, како и предизвиците на т.н. поетика на стравот, втемелена врз сознанијата дека стравот е основната и најискрена од човековите емоции. […]“ Елизабета Шелева „Оваа книга почнав да ја пишувам со цел да ја проширам картографијата на мојот литературен свет и да ја прикажам сенката што ја пушта големиот град што ги привлекува сите жители кон своето јадро, со ветувањето за подобра иднина. Понор е град во кој, доколку еден жител одлучи да живее според туѓ терк или има намера да диктира туѓ живот, неговото тело станува транспарентно и лесно за запоседнување од неговиот двојник… Градот го третирам како жив организам што се храни од несреќата на неговите жители.“ Златко Ѓелески

Ѓорѓи Крстевски – Другата страна

200,00 ден

„Другата страна“ е збирка кратки прозни форми од авторот Ѓорѓи Крстевски, создавани во текот на повеќе години. Тие се со различна големина и форма, при што секој од расказите е индивидуално дело, расказ кој гради еден свој специфичен свет што може да опстои и да егзистира самостојно. Централната точка, ѕвездата околу која гравитираат сите овие мали светови и векторот на нивното поврзување е светогледот на Ѓорѓи Крстевски. Во богатиот спектар на раскази може да препознаеме хармсовски бурлескни сцени и ликови, борхесовски сложени лавиринтни пејзажи, одеци од најмрачните шуми од бајките на браќата Грим, како и грст ликови изгубени во кафкијански свет на метаморфози, бирократски шалтери и бесчувствителен свет.

Чеслав Милош – Заробениот ум

600,00 ден

„Заробениот ум“ е збирка од девет есеи пишувани во 1951 г., а објавени во 1953 г. од Литературниот институт во Париз. Првото издание во Полска било објавено во 1978 г., во тајност од цензурата, а официјалното – дури во 1989 г. Делото, во кафкијанско-орвеловски стил, преку параболи и алегории, го анализира процесот на развивањето интелектуална зависност кај источноевропската интелигенција во однос на политичките и економските принципи на сталинистичката доктрина. Карл Јасперс го опишал „Заробениот ум“ како фантастична студија за „разбивањето на човекот на две личности“ под влијание на огромниот идеолошки притисок. „Мојата книга, во одредена смисла, беше обид за борба против својот сопствен фатализам и песимизам.“ – Чеслав Милош

Миљенко Јерговиќ – Сараевско марлборо

300,00 ден

Кога духовната срж на овие приказни, типот на постоењето од кое се опфатени неговите ликови, би требало да се определени со кратка, афористична формула, најточно би било да се рече дека таа пред читателот се појавува како одговор на прашањата што би му се случило на Швејк кога, по некоја случајност, би се затекнал во светот на „Процес“ од Кафка. Бидејќи, војната во која се сместени не се појавува во нивниот живот како целен процес, како нешто што, колку и да е страшно, има релативно разбирлив почеток и барем ронка предвидливост, туку како нешто сепроникливо но неспознајно, како анонимна сила на прелевањето на светот… Ликовите на Јерговиќ се чувари на душата на малите нешта, на нешто, што било, во себе или околу себе што притаено ќе опстане во меѓупросторот на животот и смртта… Иво Жаниќ, Вјесник Читајте ја оваа книга: во Сараево умираа многу луѓе, а таму се раѓаше и XX век. Овие раскази зборуваат за она што ќе се случи кога ќе заборавиме на својата есенцијална трошност; Јерговиќ покажува дека она што нѐ обединува не може да се негира, а она што нѐ раздвојува лесно може да стане кобно. Овој класик на антивоената проза е предупредување за огромната човечка цена што ја плаќаме кога ги мразиме другите.

Ричард Фланаган

Џозеф Конрад – Пред западни очи

600,00 ден

„Пред западни очи“ е психолошко-политички роман за фаталната игра на човекот со судбината во вителот на големите историски собитија. Запи- сите на студентот Кирило Сидорович Разумов и односите на руската политичка емиграција во Женева ја изложуваат пред погледот на еден прис- тар Англичанец, наставник по јазици, стварноста на судирот меѓу безочното руско самодржавие и насилното револуционерно движење на почетокот од XX век. Таа бурна претстава не се одигрува на големата, општонародна сцена, туку се открива низ нешто многу посуштествено – низ психолошката драма на поединецот. Џозеф Конрад, кој е познат како маринист и автор на авантуристички романи, овде се зафаќа со „руската тема“, односно со специфичниот однос на Русите кон јазикот, кон слободата, кон власта, кон метафизичкото, обидувајќи се притоа да се загледа во магливите длабочини на руската душа. Се служи со архетипски слики, но и со современи- те политички идеи и настани, за да создаде ком- плексна фабуларна заднина, врз која ќе го осветли и истражи осамениот човек – неговата неразбра- ност од околината, неговите стремежи и внатреш- ни превирања, како и неговата нужна трагичност во неподносливата тензија на световите и светогле- дите. Романов е напишан во зенитот на творечкиот пат на Конрад и во него силно се пројавува авторо- вото стилистичко мајсторство и вештината за пси- холошко нијансирање. Книгата била голем умет- нички и психолошки предизвик за самиот Конрад, кој се борел со тегобноста на задачата, на сметка на своето ментално здравје. Освен проникнувањето во историјата и современоста на царска Русија, овој роман се покажал и како релевантен поглед кон иднината, откако некои негови спекулации се оствариле по Октомвриската револуција.

Владислав Рејмонт – Ветената земја

700,00 ден

„Ветената земја“ е панорамски роман за раѓањето на еден индустриски град. Трогателна слика за бруталните почетоци на капитализмот во срцето на Европа. Фабрики, пожари, беда и лукавство. А среде индустрискиот налет – големи планови, заеднички интереси и пријателство. Нобеловецот Рејмонт со неверојатен раскажувачки размав ги фабуларизирал опсервациите што ги правел во 1896 година во Лоѓ, во тоа време индустриски град што динамично се развивал, мелејќи ги реликтите од одминатите времиња во својата циглена утроба: селото, аристократијата, чесноста, спокојот и префинетите манири. Главниот јунак на романот е токму градот – немирниот град-свет, преплетен од различни култури и карактери, жесток кон послабите, а наклонет кон посилните и одлучните. Богатството е на дофат, а челустите на бедата безмилосно ги докрајчуваат оние што потклекнале со телото или со духот. Во општиот маскенбал, среде сеприсутниот шкарт и вредно колекционираното ѓубре, лежат длабоко погребаните вистински човечки мечти, зраци светлина што продираат низ слоевите нечистотија. Дали „машинската“ стварност на ветената земја е благослов или, поскоро, проклетство? Каде плови оваа џиновска лаѓа и за кого има место на палубата?

Жил Менар – 50 раскази

250,00 ден

Книгата „50 раскази (избор од 10 збирки раскази“ од Жил Менар опфаќа неколку „недовршени“ циклуси кратка прозна фикција, од кои сите, според своите стилски обележја, припаѓаат на различни жанровски парадигми (кус расказ, бајка, хаибуни итн.) и се изградени во согласност со нивните конвенции. Таквиот зафат го прави овој „циклус од циклуси“ вонредно стилски богат и новаторски. Воедно, збирката го исцртува по нагорна линија развојот на писателскиот сензибилитет на Менар, кој е еден од најбележитите припадници на македонската книжевност и кој се има силно пројавено во областа на прозната фикција.

Владимир Мартиновски – Зоостории

250,00 ден

Пред нас е прозна книга составена од вкупно 77 раскази, поделени во 11 циклуси, секој изграден од по 7 прози. Зоосторија во ова дело на Мартиновски е именување на поетичка припадност кон едно универзално, наместа сосем духовно набљудување и регистрирање на сиот жив свет, оној на инсектите, на животинките, на ѕверовите, на билките, на природата, на пејзажите, на феномените, зад кои стои еден, така да се каже, спинозијански (пан)натурализам, во чие средиште, секако, стои човекот. Мартиновски умее да ги бележи и креативно да ги обработува своите суптилни и многустрани опсервации на процесот што го нарекуваме – живот на сите нешта, пред сè на човекот меѓу нив. Поетичкиот свет на Мартиновски е лиричен, нежен, сочувствен, филантропски и филозофски. Неговиот дискурс е разнороден: во него се мешаат хаикуа и хаибуни среде или како поенти во неговиот прозен дискурс. Еднаш е раскажувачки, прозаистички екстензивен, другпат анегдотичен, третпат афористичен, често склон на стихување (римување) во проза, онака како што го влече чувството.

Томислав Османли

Ѓоко Здравески – Отсечки стварност

150,00 ден

„Отсечките стварност“ обично се случуваат среде секојдневието, кое на прв поглед се чини банално. Но, Здравески успева да ни ги укаже пукнатините во реалноста, кои претставуваат влез во непредвидливи, можеби и опасни лавиринти. Со тон што не е врескачки, туку сталожен, со проникливост и интуитивност, со смелост да се ѕирне и во мрачните ќошиња на човековиот дух, авторот создал еден вид медитации на подвижна лента, успевајќи во невозможното – да изваја мали парчиња смисла среде сеопштата врева на современоста од која никој не е поштеден. Притоа, микроскопскиот поглед врз светот служи како алатка за проникнување во длабоките тајни на човечката егзистенција. Но, не сите парчиња се натопени во истиот контемплативно-медитативен тон. Користејќи го хуморот, понекогаш на граница на црниот хумор, бизарноста, апсурдот, очудувањето преку врската со детството и детскиот поглед на светот, авторот создава текстови што се исто така епифанични, само што овој пат до епифанијата се доаѓа по сосема друг пат и на друг начин.

Иван Шопов

Алис Манро – Месечините на Јупитер

350,00 ден

Метафикциската проза на Алис Манро ги претвора обичните животи во необични приказни. Нејзините приказни се мисловно провокативни, а мистериозната вештина да ги конструира овие големи теми во навидум домашни, работнички приказни е она што ја прави Манро вистинска кралица на расказот. Леснотијата на нејзиното перо наметнува богатство од филозофски прашања преку навидум обичните светови на обичните луѓе.

Томислав Османли – Медиумот што недостасува

300,00 ден

„Препрочитувајќи ги, по неполни три децении, содржините на оваа книга есеи за урбаните феномени што во тоа време ми се чинеа актуелни, особено оние што кај нас недостасуваа, помислувам колку опстојно – и покрај долгиот помин на време – таквите појави и однесувања настојчиво недостигаат во нашава средина. Не дека таа во меѓувреме не се измени, и тоа многу. Урбанитетот доживеа трасформации од поранешната испразнетост кон преполнетост, од неисполнетоста на голем дел од градските простори кон постојниве, урбанистички презаситени ткаења, од расположливиот кон окупираниот градски амбиент, но и од концептуалниот модернитет во минатото кон еден конзервативен инженеринг, изведен и преживеан во центарот на главниот град, сега начичкан со претенциозни структури и кичерски градби од механички копирани и лажно креирани, во секој случај туѓи (на овој град и на неговите жители), авторитарно наметнати стилови… Скопје и денес ги лечи раните од претераната и незапрена градба, од освојувањето на целото подножје на питомата планина што најблиску се издига над градот, која е божем заштитена сфера, па сè до центарот, изведен во незамислив хибрид, еден вид кириличен барок, мегаломански неокласицизам и еден вид „касписки“ ампир од претенциозни и лажни фасади што, неопстојни како материјал, инвестиција и естетика, потклекнуваат под ударите на скопските дождови и летните изгори, и сами се лупат и отпаѓаат…“