„Сето она што го раскажува Иванов во своите приказни за Скопје, како ретко кој македонски писател, создава своевидна мапа на градот, карта од која извира животна сила составена од нерви и крвни садови за силна пулсација на урбаното битие, која содржи и разни пукнатини и шуплини пред кои не смее да се затворат очите и кои треба да се забележат и прераскажат. Така Скопје на суптилен начин станува засебен лик во оваа збирка раскази, град-личност кој секогаш е подготвен да ја покаже својата сила, „небаре сениште кое тешко ја поднесува дневната светлина“, но тој е и „брод со драгоцен товар“ на кој секогаш ќе му се навраќаме во нашите книжевни творби. Со почит кон Скопје, и особено кон Благоја Иванов, Ви посакувам пријатно патување низ скопските книжевни дамари, засолнати од заборавот на ова посебно место, во оваа драгоцена книга“. Игор Анѓелков
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).