Сосема случајно, ја сретнав Марија на аголот од една улица во стариот дел од градот, блиску до куќата на мајка ѝ. Со себе носеше книги. Ми кажа дека сега пристигнала дома, но само за кратко и дека сепак ќе се врати кон крајот на летото (повторно истото тегобно навестување дека времето поминува). Беше облечена во единствениот жолт фустан, а патоказите во форма на мали црни точки на нејзиниот мек, бел грб ме одведоа до еден друг јуни, кога ги испитуваше измачените лица на пазарџиите и филозофираше со наивноста на убаво намирисана и чиста девојка. Се сетив како нејзиниот грб беше осветлен од портокалевите сијалици залепени над креветот од мојата соба, кој беше утешно голем за двајцата во неиздржливите приквечерини на претходното лето. Тогаш, влегувајќи во неа, почувствував како во мојата душа се насобрале илјадниците книги од мојот живот, со своите тврди, црни, зелени и црвени корици, со измачените ‘рбети и шилести агли и натежнале како нешто неискажано, нешто што не успеав да ѝ го кажам на мојата мајка во детството, на мојот татко малку подоцна, а најпосле ниту нејзе.
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).