Во овој необичен дневник самиот Чат се открива себеси таков каков што беше, не баш совршен, со сите свои мани, себичен и дарежлив, со многу тегоби, понекогаш силен, понекогаш слаб, но секогаш човечен, со ненаситен и самодеструктивен копнеж по совршенството и исполнетоста; лик од крв и месо, со душа и тело, во кој сите ние можеме да се препознаеме. Неговата личност како голем, надежен талент остана во унгарската книжевна свест, додавајќи дека неговото книжевно дело реално не можеше да се развие во една изедначена и завршена целина. Сепак, неколку негови новели го сместуваат на врвот на унгарската, па дури и на светската проза (Мајкоубиство, Малечката Ема итн.), влиаејќи врз современите писатели како Хајноци, Естерхази, Месељ, и споредувајќи ја неговата виртуозност со По, Бирс, па дури и со Чехов.
Миљенко Јерговиќ – Иншала, Мадона, иншала
500,00 ден„Иншала, Мадона, инашала“ е збирка раскази во кои се прекрстуваат традиционалната и современата проза, Западот и Ориентот, минатото и сегашноста, христијаните и муслиманите, босанските севдалинки и далматинските клапи, Каурите и Турците, Османлиската и Хабсбуршката империја, старата и новата Југославија, Хрватите, Босанците, Србите, Црногорците, Далматинците, Херцеговците, Арапите, Евреите – сето она што ја прави Босна истовремено меланхоличен и живописен предел, исто како што во севдата се соединети љубовта и болката. Јерговиќ на уникатен начин ги опишува социјалните прилики во Босна и Херцеговина и Хрватска. Низ приказни пишувани како ремикс на народни песни и севдалинки, со сликовит и жив јазик, кој не бега ни од несекојдневните и нестандардните изрази (архаизми, исламизми и несекојдневни фразеологизми), Јерговиќ ја слика тешката стварност на Босна низ вековите. Во расказите е ставен силен акцент на меѓуверските односи помеѓу христијаните и муслиманите низ историјата, но и во сегашното време. Сепак, расказите не се дидактички, па поуката е скриена некаде во заднина, оставена на читателот самиот да ја досегне, иако е можно да се каже дека секоја приказна има своја главна мисла, но заедничкиот именител им е истакнувањето на бесмисленоста на меѓуверската омраза, како и на долговековната реалност на овие простори.