Ми даде да го допирам местото кај што најверојатно беше бебето, мојата рака врз стомакот кај што е бебето и врз мојата рака раката на Тинка, неверојатно, тогаш, таму под мекото зимско џемперче на Тинка почувствував живот, никакви движења немаше, ама почувствував дека има живот и дека тој може да е убав. Дека има време додека да се случи тоа, но дека, сепак, може да се случи. Тинка ме бакнуваше во челото и во косата, како јас да ù бев бебето што ќе се роди, а пред да замине, попатно и сосем без никаква намера, ме праша што биднало со онаа девојка од детството, девојката што ме опседнувала, дали сум исконтактирал со неа или дали можеби сум ја видел некогаш пак. Тогаш за миг за мене застана сè, тогаш кога Тинка го кажа тоа, за мене исчезна сè, и тогаш пред мене се појави цел еден нов хоризонт, нова можност, нова претпоставка за живот, за нов живот, или за живот одново, повторно. Тогаш ја видов шансата дека можеби ќе преболам сè што се случи, дека има шанси повторно да живеам, ама среќен, не колку да го протуркам денот, да имам насади, нека се и помалку за почеток, полни со вишни и куќичка кај што ќе трчкаат деца. Тогаш, во тие неколку секунди, ја видов мојата порта кон животот. Ана. Морам да ја најдам, решив.
Драго Јанчар – Џојсовиот ученик
250,00 ден„Џојсовиот ученик“ од Драго Јанчар е збирка раскази изградени околу ликови вовлечени во значајни историски настани. Насловниот расказ е инспириран од страшната и вистинска животна приказна за Борис Фурлан, млад човек што одел на часови по англиски јазик кај Џејмс Џојс, додека тој предавал на универзитетот во Трст, воведувајќи ги своите студенти во суптилностите на јазикот преку описите на газиена ламба. Додека приказните обработуваат разни теми на различни локации и ситуации, од службено патување во Њујорк до аџилак до Сантијаго де Компостела, наративите споделуваат расположение на опасност и мрачност. Анонимни армии вршат масакри, лекар е опседнат со очите на Ајнштајн… Но, и покрај целата бруталност и смрт, читателот не ја чувствува книгата како мрачно или депресивно четиво. Низ расказите се чувствува и повев на остра смисла за хумор, што ја отвора вратата за нова светлина. Опишан како „сеизмолог на хаотичната историја“, Јанчар се потврдува како еден од водечките словенечки литературни гласови на неговата генерација преку оваа исклучителна збирка кратка фикција.