Насловот на книгата го парафразира првиот, и на некој начин, воведен и методичен егземпларен есеј во книгата, “Кант игра фудбал”. Жмегач го споредува фудбалот кој го играат најдобрите светски екипи со оној кој го играат селските клубови, духовито навестувајќи ја фудбалската утопија – средба на светскиот првак со екипата од малото населено место Цабуна. Авторот заклучува дека предлогот “не е фер”, но и’ придава моќ на самата игра – и тоа како би било весело во тој натпревар светските прваци да изгубат од Цабунчани, и поентира – тоа би била победа на моралот над спортот. Впрочем, и светските шампиони и момците од Цабуна играат со топка која подеднакво е кружна, но за овие другите таа не е предмет кој “значи пари”. А тие момци, и понатаму дрибла Жмегач, “веројатно не слушнале за Кантовата книга за естетика, а токму самите тие се алегориски приказ на клучната мисла на теоријата на уметноста и основата на убавината на филозофот”, бидејќи, не’ потсетува на асот од Конигсберг – “убаво е она што е исполнето со самобитна смисла и не и служи на некоја друга, хетерономна цел”.
Оливера Ќорвезироска – Престапни години
400,00 денСекој ден од годината е нечиј роденден, именден, празник, Светски ден на „ова или она“. Роденденот на волуменозниот, минуциозно осмислен и (до збор) виртуозно изведен прозен проект на Оливера Ќорвезироска, книгата едноставно наречена Престапни години, е вистински празник за современата македонска микрофикција. Овој „прозен календар“ на Ќорвезироска е вистински читателски деликатес (и во квантитативна и во квалитативна смисла). Пред нас се 366 вибрантни, луцидни и вдахновени куси прози, микрофикции, кои осцилираат меѓу кус расказ, дневнички запис, микроесеј, цртичка, прозен медалјон, прозен фрагмент… Оливера Ќорвезироска е авторка која и во прозните и во книжевно-критичките остварувања му посветува речиси опсесивно (во најубава смисла) внимание на јазикот и како основна алатка на создавањето уметнички светови, но и како нешто што е постојано живо, свето и слоевито. Затоа, еден вид главен јунак во овие куси приказни е токму јазикот (и економијата на јазичниот израз). Во само неколку реченици покрај рефлексиите за проникнувањата меѓу животот и уметноста, еден вид лајтмотив на ракописот е проникнувањето на личната приказна и премрежјата на нашево време. Притоа, формулата и структурата на Престапни години е едноставна: по една куса проза за секој ден од календарот на една престапна година. И во престапните и во „обичните” години, пред нас е книга што секој ден од годината може да ни го претвори во Светски ден на читателските наслади.
Владимир Мартиновски