Преку овој неверојатен роман стануваме сведоци како еден (не)успешен обид да се откажете од пушењето може да се претвори во едно од најмаркантните дела на светската литература. Сè започнува кога порочниот, опсесивен и невротичен Ѕено, по препорака на својот психијатар, почнува да ги пишува своите мемоари како еден вид психотерапија што треба да му го „олесни“ откажувањето од цигарите. Во низа елиптничи епизоди, исполнети со многу хумор, шокови и заблуди, пред очите на читателот пополека се создава ѓаволски смешен портрет на човекот кој се обидува да внесе малку нормалност и смисла во својот живот, сè до последната цигара…
Миљенко Јерговиќ – Иншала, Мадона, иншала
500,00 ден„Иншала, Мадона, инашала“ е збирка раскази во кои се прекрстуваат традиционалната и современата проза, Западот и Ориентот, минатото и сегашноста, христијаните и муслиманите, босанските севдалинки и далматинските клапи, Каурите и Турците, Османлиската и Хабсбуршката империја, старата и новата Југославија, Хрватите, Босанците, Србите, Црногорците, Далматинците, Херцеговците, Арапите, Евреите – сето она што ја прави Босна истовремено меланхоличен и живописен предел, исто како што во севдата се соединети љубовта и болката. Јерговиќ на уникатен начин ги опишува социјалните прилики во Босна и Херцеговина и Хрватска. Низ приказни пишувани како ремикс на народни песни и севдалинки, со сликовит и жив јазик, кој не бега ни од несекојдневните и нестандардните изрази (архаизми, исламизми и несекојдневни фразеологизми), Јерговиќ ја слика тешката стварност на Босна низ вековите. Во расказите е ставен силен акцент на меѓуверските односи помеѓу христијаните и муслиманите низ историјата, но и во сегашното време. Сепак, расказите не се дидактички, па поуката е скриена некаде во заднина, оставена на читателот самиот да ја досегне, иако е можно да се каже дека секоја приказна има своја главна мисла, но заедничкиот именител им е истакнувањето на бесмисленоста на меѓуверската омраза, како и на долговековната реалност на овие простори.