Не би сакал да стекнам репутација на нихилист, јас ги сакам власта и законите исто колку и моралот. Така често си размислувам, што би правел со себеси ако не се издигнев до небото, тогаш веројатно сè би било лишено од објективно значење. Но, ми беше предодредено да допрам една половина од светот и сè што ќе допрам да биде мое. Не сакам да мислите дека сум фаталист, напротив, јас преку својата волја и интелигенција бев предодреден за таа улога. Самиот постигнав сè. И тука нема никаква случајност, сепак не сакам да звучам како детерминист. Не, не сум ни тоа. Ниту емпирист, јас немав никакво искуство пред да ги поседувам сите тие добри работи, ниту рационалист, оти и денес не се водам од разумот, туку од возвишените чувства на срцето. Отворено застанав зад желбите за моќ и доминација без никаков проблем. Не сум опортунист, не сакам да бидам погрешно сфатен. Покрај своите интереси, јас се грижев и за интересите на светот. Ниту макијавелист, бидејќи на крајот бев крајно изманипулиран и предаден. Во својата најдлабока внатрешност, јас сум плашливец, слаб и повреден човек.
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).