Првата книга на современиот британски писател, Дан Роудс, е интересен концептуален прозен експеримент. Збирката содржи 101 расказ, секој составен од 101 збор. Формалното правило секој расказ да има 101 збор (ова правило е задржано и во преводот на македонски јазик) на книгата ù обезбедува хомогеност на стилски многу прецизно изведено дело. Лесни за читање, забавни, а сепак обоени со длабока тага заради минливоста на нештата, овие прозни хаикуа со траги-комична иронија и горчлив хумор прикажуваат низа варијатни во кои може да се оствари љубовта. Распонот на формите во кои е прикажана љубовта е многу широк. Сепак, Роудс најчесто се интересира за крајните точки меѓу кои можат да осцилираат емоциите на човекот: параноидни фантазии кои стануваат реалност, мазохистичка вљубеност во другиот, сурова нетрпеливост кон љубовникот, невообичаено голема посветеност која преминува во понижување, претерана наивност и доверба во другиот… Ваквата мрачна визија за меѓусебните односи станува интересна за читање заради способноста на Роудс преку корозивната смисла за хумор да ја релативизира секоја од раскажаните ситуации.
Васко Марковски – Непозната Македонија
450,00 ден„Непозната Македонија“ е еден голем мозаик составен од разнобојни, дребни, но филигрански обработени каменчиња, што функционираат како необврзна редоследна целина, пред сѐ според слободната сугестија на авторот на ракописот, но коишто, едновремено, можат да се читаат и независно и по слободен избор на редоследите, запазувајќи ги врските на прочитот единствено во најмалите мониста, кои Марковски ги ниже едноподруго, речито, од повеќе аспекти: од една страна информативно, но и чувствено богато – осветлувајќи места, простори и скриени урбани и природни локалитети, кои се дел од неговите, најнапред, лични преоткривања на просторот што толку многу му значи, и чии бројни аспекти и суштини ги споделува со својот читател како од него откриени, а од нив многу притаени и скриени скапоцености на овој така слоевит и богат простор… Во неговата книга се вкрстуваат сегашните објекти, простори, изгледи и минати приказни, митови, истории, ликови во една долга и богата низа од сказови, патеписи, репортажни записи и сведоштва на изворни личности.
Томислав Османли