Во кафезот е темно. Првин и се чини дека е празен, но потоа забележува дека во аголот лежи нешто стуткано. Како што се доближува до кафезот, тоа нешто почнува да и изгледа сè поголемо и поголемо. Се доближува толку блиску до шипките што морници и поминуваат по телото од помислата што може да и се случи. Тоа нештото се поткрева и таа го препознава. Телото и се згрчува од страв. Почнува да ја фаќа паника што ја парализира целосно. Тоа е тој. Тој пред кого очите се отвораат со ужасеност и страв. Тој од кого телото ти го фаќаат такви грчеви што помислуваш дека никогаш повеќе нема да се ослободиш. Таа не е во зоолошка, таа е в затвор. Тој лежи во својата ќелија. Таа се доближува уште поблиску, иако срцето си го чувствува како и чука во петици. Тој ја погледнува право в очи. Првпат нивните погледи се сретнаа. Првпат телата им се толку блиску едно до друго. Само металните шипки ги делат. Тој ја гледа крволочно. Мирисот на крвта што до пред малку го чувствуваше, повторно почна да го чувствува, но овојпат тоа не е крв на некое животно туку нејзина крв. Таа го знае тој мирис.
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).