“Ова е дело кое несомнено недостасува во македонската филмска литература, не само како теориски труд при кој се објаснува процесот на филмската монтажа како важен творечки сегмент во аудиовизуелното обликување на документарниот филм преку анализа на делата на Владимир Блажевски, туку се обидува да укаже и на важноста и нужноста од авторски документарни филмови во Македонија. Делото зборува за креирањето на документарниот филм како комплексна и одговорна задача со темелна опсервација и сликовен опис на нештата, апострофирајќи ја филмската монтажа која ги истакнува латентните вредности на материјалот”, вели м-р Лазар Секуловски, декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје во рецензијата на ова дело.
Оливера Ќорвезироска – Престапни години
400,00 денСекој ден од годината е нечиј роденден, именден, празник, Светски ден на „ова или она“. Роденденот на волуменозниот, минуциозно осмислен и (до збор) виртуозно изведен прозен проект на Оливера Ќорвезироска, книгата едноставно наречена Престапни години, е вистински празник за современата македонска микрофикција. Овој „прозен календар“ на Ќорвезироска е вистински читателски деликатес (и во квантитативна и во квалитативна смисла). Пред нас се 366 вибрантни, луцидни и вдахновени куси прози, микрофикции, кои осцилираат меѓу кус расказ, дневнички запис, микроесеј, цртичка, прозен медалјон, прозен фрагмент… Оливера Ќорвезироска е авторка која и во прозните и во книжевно-критичките остварувања му посветува речиси опсесивно (во најубава смисла) внимание на јазикот и како основна алатка на создавањето уметнички светови, но и како нешто што е постојано живо, свето и слоевито. Затоа, еден вид главен јунак во овие куси приказни е токму јазикот (и економијата на јазичниот израз). Во само неколку реченици покрај рефлексиите за проникнувањата меѓу животот и уметноста, еден вид лајтмотив на ракописот е проникнувањето на личната приказна и премрежјата на нашево време. Притоа, формулата и структурата на Престапни години е едноставна: по една куса проза за секој ден од календарот на една престапна година. И во престапните и во „обичните” години, пред нас е книга што секој ден од годината може да ни го претвори во Светски ден на читателските наслади.
Владимир Мартиновски