Вирџинија Вулф, еден од најистакнатите критичари и најоригиналните автори на дваесеттиот век, пред објавувањето на оваа збирка раскази во 1921 г. зад себе веќе има два романа. Меѓутоа, токму преку овие нејзини први раскази се здобива со углед на писател со најжива имагинација и најистенчен стил во тоа време. Под влијание на Џојс, на Пруст, теориите на Вилијам Џејмс, на Бергсон и на Фројд, настојува да напише нова белетристика што го нагласува постојаниот тек на свеста, минувањето на времето и како низа последователни мигови и како подолг тек на години и векови, и суштествената неможност да се дефинираат ликовите.
Читателите можат да ги откријат овие, како и другите, карактеристики на нејзиниот влијателен стил во осумте раскази од оваа збирка, а меѓу нив е поместен и еден прекрасен, феминистички ироничен приказ на машкиот интелект во расказот „Друштво“, како и чудесниот опис на природата во „Кралските ботанички градини“. Другите раскази во збирката се: „Ненапишан роман“, „Гудачки квартет“, „Куќа со духови“, „Сино и зелено“, „Дамката на ѕидот“, како и насловниот расказ.
Во последно време стилот на Вулф, нејзиниот феминизам и моралниот сензибилитет, ѝ носат сѐ побројна читателска публика. Оваа импозантна збирка на таа публика ѝ нуди не само непроценливо уживање во расказите, туку и одличен вовед во обемниот опус на Вулф.
Бојан Бабиќ – Илегален Парнас
250,00 денГлавниот јунак на романот, провинциски архитект кому локалните безделничари му го даваат подбивниот прекар Курвазје, се обидува во родниот град М. да го изгради Парнас – комплекс градби сочинет од копии на делата на славниот архитект Ле Корбизје – културен центар каде што уметниците треба да се собираат и да работат на своите дела. Многу бргу се соочува со арогантноста на локалните политичари, заткулисните дејства на тајкуните и цела низа опструкции, типични за една темелно девастирана средина. Препуштен сам на себе и на својот идеализам, младиот архитект се обидува да го доврши своето животно дело, да го изгради она за што отсекогаш сонувал. Не сфаќајќи колку неговиот потфат е неостварлив, сместен во затворска ќелија, Курвазје запаѓа во сомнабулна состојба каде што се мешаат јавето и сонот, а неговиот свет сѐ повеќе станува фантазмагоричен и сеништен.
Бојан Бабиќ (Белград, 1977 г.) досега објавил девет книги поезија, кратки раскази и подолги прозни форми. За омнибус-романот „Девојчиња, бидете добри“ е награден со стипендија на „Фондот Борислав Пекиќ“. Израснал во Младеновац. Живее и работи во Земун.