„Дневна соба“ на Јана Лозаноска претставува возбудливо четиво за длабокиот процес на човековото внатрешно растење, за потребата од постојаното понирање во внатрешниот свет како начин на расоблекување на душата и нејзино ослободување од слоевите на стравовите, неискреноста но и удобноста на надворешниот свет како пречки кои го затемнуваат повторното раѓање, светењето на личниот, интимен и длабок човечки свет. Преку вкрстувањето на постапките на монологот и дијалогот и преку вештото ослонување на визуелните области на сликарството и фотографијата авторката ги креира, расне и оспособува своите четири лика во современи носители на оригинални примери за преиспитувањето и осознавањето во процесот на човековото будење. Ваквата книжевна постапка на Јана Лозаноска успешно нивелира во структуралната, содржинската, книжевно-јазичната и естетската хармонија на делото, а сето тоа заедно го отелотворува возбудливиот, слоевит и примамлив ракопис насловен „Дневна соба“. Софија Грандаковска
Оливера Ќорвезироска – Престапни години
400,00 денСекој ден од годината е нечиј роденден, именден, празник, Светски ден на „ова или она“. Роденденот на волуменозниот, минуциозно осмислен и (до збор) виртуозно изведен прозен проект на Оливера Ќорвезироска, книгата едноставно наречена Престапни години, е вистински празник за современата македонска микрофикција. Овој „прозен календар“ на Ќорвезироска е вистински читателски деликатес (и во квантитативна и во квалитативна смисла). Пред нас се 366 вибрантни, луцидни и вдахновени куси прози, микрофикции, кои осцилираат меѓу кус расказ, дневнички запис, микроесеј, цртичка, прозен медалјон, прозен фрагмент… Оливера Ќорвезироска е авторка која и во прозните и во книжевно-критичките остварувања му посветува речиси опсесивно (во најубава смисла) внимание на јазикот и како основна алатка на создавањето уметнички светови, но и како нешто што е постојано живо, свето и слоевито. Затоа, еден вид главен јунак во овие куси приказни е токму јазикот (и економијата на јазичниот израз). Во само неколку реченици покрај рефлексиите за проникнувањата меѓу животот и уметноста, еден вид лајтмотив на ракописот е проникнувањето на личната приказна и премрежјата на нашево време. Притоа, формулата и структурата на Престапни години е едноставна: по една куса проза за секој ден од календарот на една престапна година. И во престапните и во „обичните” години, пред нас е книга што секој ден од годината може да ни го претвори во Светски ден на читателските наслади.
Владимир Мартиновски