„Кондураџискиот занает со години затворен во малото сопче во подрумот, скришно излегуваше оттаму кога најмалку мислевме на него. Најчесто како збор. Сред обичен разговор, кој било од нас ќе кажеше гленк, луб, обртаљ, цвик, пенче. Или како нагласен мерак за чевли на сите нас. Секој што ќе нѐ загледаше, можеше да види дека сите секогаш имавме беспрекорни обувки. Занаетот затворен во малото сопче во подрумот, секогаш кога купувавме обувки излегуваше од заточеништво и доаѓаше со нас по продавници. А сите, мама, Час, Вера и јас, и онака бевме опседнати и строго се владеевме според кондураџискиот хороскоп што го беше создал татко ми како сопствен поглед на светот и на поделбата на луѓето во него: на оние кои кинат чевли и на оние кои не кинат; на оние на коишто долго им траат чевли и на оние на кои брзо им се износуваат. „Тоа зависи од денот на раѓањето“, велеше татко ми. „Родените во првата половина од кој било месец, не кинат чевли. Сите родени во втората половина од месецот, чевел не можат да свртат“.
Бојан Бабиќ – Илегален Парнас
250,00 денГлавниот јунак на романот, провинциски архитект кому локалните безделничари му го даваат подбивниот прекар Курвазје, се обидува во родниот град М. да го изгради Парнас – комплекс градби сочинет од копии на делата на славниот архитект Ле Корбизје – културен центар каде што уметниците треба да се собираат и да работат на своите дела. Многу бргу се соочува со арогантноста на локалните политичари, заткулисните дејства на тајкуните и цела низа опструкции, типични за една темелно девастирана средина. Препуштен сам на себе и на својот идеализам, младиот архитект се обидува да го доврши своето животно дело, да го изгради она за што отсекогаш сонувал. Не сфаќајќи колку неговиот потфат е неостварлив, сместен во затворска ќелија, Курвазје запаѓа во сомнабулна состојба каде што се мешаат јавето и сонот, а неговиот свет сѐ повеќе станува фантазмагоричен и сеништен.
Бојан Бабиќ (Белград, 1977 г.) досега објавил девет книги поезија, кратки раскази и подолги прозни форми. За омнибус-романот „Девојчиња, бидете добри“ е награден со стипендија на „Фондот Борислав Пекиќ“. Израснал во Младеновац. Живее и работи во Земун.