Во своите мали приказни, кои едвај се прикриени со мимикријата на басната, Бирс ѝ се препушта на својата цинична фантазија до крајни граници, маѓепсувајќи едни, а разгневувајќи други читатели. По Диоген, Емброуз Бирс е можеби најпознатиот мизантроп. Со таа разлика што Бирс воопшто не посегнал по ламба за да го бара човекот. Опседнат со бесмислата и механичноста на постоењето, тој ги претвора своите басни во пеколна песимистичка машина. Од овие мали ремек-дела, покрај апсурдот, блеска луцидноста на уникатниот црн хумор на Емброуз Бирс.
Васко Марковски – Непозната Македонија
450,00 ден„Непозната Македонија“ е еден голем мозаик составен од разнобојни, дребни, но филигрански обработени каменчиња, што функционираат како необврзна редоследна целина, пред сѐ според слободната сугестија на авторот на ракописот, но коишто, едновремено, можат да се читаат и независно и по слободен избор на редоследите, запазувајќи ги врските на прочитот единствено во најмалите мониста, кои Марковски ги ниже едноподруго, речито, од повеќе аспекти: од една страна информативно, но и чувствено богато – осветлувајќи места, простори и скриени урбани и природни локалитети, кои се дел од неговите, најнапред, лични преоткривања на просторот што толку многу му значи, и чии бројни аспекти и суштини ги споделува со својот читател како од него откриени, а од нив многу притаени и скриени скапоцености на овој така слоевит и богат простор… Во неговата книга се вкрстуваат сегашните објекти, простори, изгледи и минати приказни, митови, истории, ликови во една долга и богата низа од сказови, патеписи, репортажни записи и сведоштва на изворни личности.
Томислав Османли