Принцезата Бари е современа приказна за младата севернокорејска бегалка, присилена да ја напушти својата земја, следејќи ја својата баба-шаман на југ, додека другите роднини го осудуваат таквиот чин. Оттаму, патувањето се претвора во ноќен кошмар што ја води до мултикултурната средина на нижите општествени слоеви во Лондон. На осумнаесетгодишна возраст се чувствува дека ги надминува егзистенцијалните проблеми, но сè уште ѝ претстои уште долг духовен и психички пат пред конечно да го заврши своето „патување“, длабоко разбирајќи ја паралелата меѓу нејзиниот живот и оној на нејзината имењачка, легендарната принцеза Бари од позната корејска шаманска легенда, која е напуштена од своето раѓање и која мора да помине долг пат до работ на светот за повторно да го врати „изворот“ на животот.
Миљенко Јерговиќ – Иншала, Мадона, иншала
500,00 ден„Иншала, Мадона, инашала“ е збирка раскази во кои се прекрстуваат традиционалната и современата проза, Западот и Ориентот, минатото и сегашноста, христијаните и муслиманите, босанските севдалинки и далматинските клапи, Каурите и Турците, Османлиската и Хабсбуршката империја, старата и новата Југославија, Хрватите, Босанците, Србите, Црногорците, Далматинците, Херцеговците, Арапите, Евреите – сето она што ја прави Босна истовремено меланхоличен и живописен предел, исто како што во севдата се соединети љубовта и болката. Јерговиќ на уникатен начин ги опишува социјалните прилики во Босна и Херцеговина и Хрватска. Низ приказни пишувани како ремикс на народни песни и севдалинки, со сликовит и жив јазик, кој не бега ни од несекојдневните и нестандардните изрази (архаизми, исламизми и несекојдневни фразеологизми), Јерговиќ ја слика тешката стварност на Босна низ вековите. Во расказите е ставен силен акцент на меѓуверските односи помеѓу христијаните и муслиманите низ историјата, но и во сегашното време. Сепак, расказите не се дидактички, па поуката е скриена некаде во заднина, оставена на читателот самиот да ја досегне, иако е можно да се каже дека секоја приказна има своја главна мисла, но заедничкиот именител им е истакнувањето на бесмисленоста на меѓуверската омраза, како и на долговековната реалност на овие простори.