Ноќ во музејот. Мојот пријател од сеќавањето го нема. Коридорите, празни, бескрајни и ладни, болно се повторуваат. Се бркам со некакви призраци низ редови од стакларници, бледи сеќавања и контури кои испаруваат во темнината. Чекорам по патишта што останале неизгазени и наеднаш, без да знам како, се наоѓам во депото на музејот. Месечината го осветлува пијаното што стои покрај ѕидот напластено со прашина. Врз него запрашени стојат партитури на Мусоргски. Во аголот празен кафез за птици. Наведната над пијаното стои сенка. Капакот е затворен, но од срцето на инструментот се слуша речиси нечујна мелодија. Реката се бранува по музиката и музејот се преплавува со мастилава вода. Во собата влетува друга сенка. И сега сме тројца.
Сања Михајловиќ-Костадиновска – Во кратки црти
150,00 денЗбирката е подредена во три кохерентни циклуси: „Средби и сеќавања“, „Метаматерија“ и „Замислени светови“. Расказите се запишани во трето и почесто во прво лице, од веродостоен наратор, кој сепак повремено како со сласт да ужива и во неверодостојност, користејќи ја за заводливо да го води читателот низ приказната. […] Речиси сите раскази се сместени во апстрактни временско-просторни координати, кои сепак се некаде во современоста и во урбани средини, а тоа остава впечаток на автобиографичност на расказите. Но, овој пристап (неретко исповедниот тон и одмерената лиричност, кои ни за миг не оддаваат нијанси на патос) може да се гледа како мала, незабележлива и успешно приредена замка, а онаа нежна, спонтана запрашаност помеѓу можноста на автобиографијата и извесноста на фикцијата е само уште една питка одлика на оваа збирка. […] Живко Грозданоски