Татко ми воздивна, а потоа со прашален поглед изусти:
„Што да правиме сега со документиве?“
„Може ли да ги задржам кај мене? Можеби ќе ми се најдат некогаш, ако решам повторно да пишувам. Важно е дека сега знаеме нешто повеќе од претходно.“
„Што со тоа?“, повеќе за себе прокоментира татко ми.
„Ништо особено. Ја знаеме вистината. Не целосно, делумно. Но, барем малку ќе нè успокои… евентуално да ни ги олесни живејачката и умирачката“, му одговорив насмевнувајќи се.
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).