Бистра не вели ништо. Како да и е страв од Симона. Како можеше пред малку онака да се смее и да се зеза пред продавница?
Симона не забележува дека ја гледаме.
− Симона… кај ојме?
Насетувам нијанса стравопочит во сопствениот глас.
Ништо. Симона е во транс.
Би и се приближува.
− Симона, на кај идеме?
Симона отсечно ги подраширува очите. Дури и погледнува лево-десно. Не вели ништо.
Нема поим кај одиме.
Кутра девојка. Изгубена е. Во секоја смисла. Вози право, без размислување. Како да сака да избега од куферот.
Како куче на кое му врзале канта на опашката.
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).