Во овој незаборавен роман, Бији Банделе на уникатен начин ја отсликува атмосферата на современиот мултикултирен живот во Англија. Во Улица живеат повеќе фасцинантни, несекојдневни ликови чиишто животни приказни се преплетуваат во една необична приказна за урбаниот надреализам на секојдневното живеење. Она што ги обиединува сите тие чудни и смешни ликови се нивните неуморни обиди да допрат еден до друг, надевајќи се дека така ќе најдат малку љубов. Улица е интересна, луда и сложена приказна, која варира од црна комедија, па сè до пародија на сентиментална мелодрама. Со својот специфичен, забавен и комичен начин на раскажување, кој е длабоко втемелен во африканската фолклорна традиција, Банделе создава прекрасен роман по примерот на големите мајстори на магичниот надреализам.
Миљенко Јерговиќ – Иншала, Мадона, иншала
500,00 ден„Иншала, Мадона, инашала“ е збирка раскази во кои се прекрстуваат традиционалната и современата проза, Западот и Ориентот, минатото и сегашноста, христијаните и муслиманите, босанските севдалинки и далматинските клапи, Каурите и Турците, Османлиската и Хабсбуршката империја, старата и новата Југославија, Хрватите, Босанците, Србите, Црногорците, Далматинците, Херцеговците, Арапите, Евреите – сето она што ја прави Босна истовремено меланхоличен и живописен предел, исто како што во севдата се соединети љубовта и болката. Јерговиќ на уникатен начин ги опишува социјалните прилики во Босна и Херцеговина и Хрватска. Низ приказни пишувани како ремикс на народни песни и севдалинки, со сликовит и жив јазик, кој не бега ни од несекојдневните и нестандардните изрази (архаизми, исламизми и несекојдневни фразеологизми), Јерговиќ ја слика тешката стварност на Босна низ вековите. Во расказите е ставен силен акцент на меѓуверските односи помеѓу христијаните и муслиманите низ историјата, но и во сегашното време. Сепак, расказите не се дидактички, па поуката е скриена некаде во заднина, оставена на читателот самиот да ја досегне, иако е можно да се каже дека секоја приказна има своја главна мисла, но заедничкиот именител им е истакнувањето на бесмисленоста на меѓуверската омраза, како и на долговековната реалност на овие простори.