Ова е роман кој се чита во еден здив, и каков што само може да посака еден дебитант, кој прв пат влегува во светот на книжевноста. Пишуван во стилот „Главата во облаци, а нозете цврсто на земја“, според цитатот од воведот во книгата на Саша Мафли од Les fils du facteur, авторката е многу искрена и чесна во пристапот и за себе вели: „Денес имам дваесет и три години и ширум отворени очи. Сакав да ја напишам книгава за да ви раскажам колку е светот прекрасен, а луѓето извонредни! Но, и за оние луѓе за кои емпатијата е синоним за слабост, оние луѓе што ги ставаат расата, класата и потеклото – над човекот“.
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).