Како и претходните негови книги, штом излезе од печат, и збирката раскази „И сè стана месечина“ на Георги Господинов стана најпродавана во Бугарија.Таа содржи деветнаесет приказни пишувани во последниве години, некои од нив веќе објавувани во разни светски антологии, а сега спакувани во еден книжевен простор. Според авторот, тие имаат заедничка атмосфера и ги поврзува заедничка логика. Збирката започнува со расказот „Осум минути и деветнаесет секунди“. Тоа е времето на патување на светлината од Сонцето до Земјата. Но тоа може да е и времетраењето на читање на секоја поединечна приказна. Обидете се, уживањето е само пријатна последица, затоа што Господинов знае со зборовите. Тој ги припитомува и оживува, за потоа врз нас да истури мноштво од различни емоции. Маестрално!
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).