Овој кус роман наликува по малку на камен: цврст, навидум мазен, а сепак полн со пукнатини и тајни. Стилот, иако е едноставен и поетичен, сепак е собран, соголен, токму како ѕидовите од гранит на куќите во Сардинија. Раскажувањето се извива како спирала и малку по малку, како случајно, ја открива средишната тема на романот, но и вистината за главниот лик, којшто постојано е во потрага по најважната работа на светот. Но оваа најважна работа, ја нема. Па оттука френетичната желба да се испише поинаква биографија на еден живот, каде што љубовта и страста стануваат центарот на светот. Le Monde
Оливера Ќорвезироска – Престапни години
400,00 денСекој ден од годината е нечиј роденден, именден, празник, Светски ден на „ова или она“. Роденденот на волуменозниот, минуциозно осмислен и (до збор) виртуозно изведен прозен проект на Оливера Ќорвезироска, книгата едноставно наречена Престапни години, е вистински празник за современата македонска микрофикција. Овој „прозен календар“ на Ќорвезироска е вистински читателски деликатес (и во квантитативна и во квалитативна смисла). Пред нас се 366 вибрантни, луцидни и вдахновени куси прози, микрофикции, кои осцилираат меѓу кус расказ, дневнички запис, микроесеј, цртичка, прозен медалјон, прозен фрагмент… Оливера Ќорвезироска е авторка која и во прозните и во книжевно-критичките остварувања му посветува речиси опсесивно (во најубава смисла) внимание на јазикот и како основна алатка на создавањето уметнички светови, но и како нешто што е постојано живо, свето и слоевито. Затоа, еден вид главен јунак во овие куси приказни е токму јазикот (и економијата на јазичниот израз). Во само неколку реченици покрај рефлексиите за проникнувањата меѓу животот и уметноста, еден вид лајтмотив на ракописот е проникнувањето на личната приказна и премрежјата на нашево време. Притоа, формулата и структурата на Престапни години е едноставна: по една куса проза за секој ден од календарот на една престапна година. И во престапните и во „обичните” години, пред нас е книга што секој ден од годината може да ни го претвори во Светски ден на читателските наслади.
Владимир Мартиновски