Романот на Тусен започнува во еден навидум мирен и обичен ден. И одеднаш, една стрелка од пикадо лета низ воздухот и се забодува во челото на придружничката на нараторот. Се понатаму е чист, детерминиран хаос исполнет со многу хумор.
Има некоја чудна привлечност во стилот и во изразувањето на Тусен. Тие се прецизни, ритмични, течни, како да му се лизгаме низ раце. И на крај тука се настаните, или не-настаните, кои се случуваат во непосредна близина на главниот лик. До тенкост е опишано што се случува на дофатот од раката или од погледот на ликовите, кои се луѓе од обичниот живот – средна висока класа. Ги гледаме како се муваат, ги слушаме како зборуваат, како се прегрнуваат… ги гледаме кога ќе им се истопорат на гости двајца Полјаци. Одеднаш во рамниот и едноличен живот несреќата со стрелката од пикадо зема форма на распаметувачка катаклизма. Крајно луцидно и забавно четиво.
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).