„Кондураџискиот занает со години затворен во малото сопче во подрумот, скришно излегуваше оттаму кога најмалку мислевме на него. Најчесто како збор. Сред обичен разговор, кој било од нас ќе кажеше гленк, луб, обртаљ, цвик, пенче. Или како нагласен мерак за чевли на сите нас. Секој што ќе нѐ загледаше, можеше да види дека сите секогаш имавме беспрекорни обувки. Занаетот затворен во малото сопче во подрумот, секогаш кога купувавме обувки излегуваше од заточеништво и доаѓаше со нас по продавници. А сите, мама, Час, Вера и јас, и онака бевме опседнати и строго се владеевме според кондураџискиот хороскоп што го беше создал татко ми како сопствен поглед на светот и на поделбата на луѓето во него: на оние кои кинат чевли и на оние кои не кинат; на оние на коишто долго им траат чевли и на оние на кои брзо им се износуваат. „Тоа зависи од денот на раѓањето“, велеше татко ми. „Родените во првата половина од кој било месец, не кинат чевли. Сите родени во втората половина од месецот, чевел не можат да свртат“.
Томислав Османли – Стрип – деветтата уметност
500,00 денВо „Стрип – деветтата уметност“, како што загатнува насловот, Османли хируршки прецизно ја обработува стриповската полисемичност, внимателно анализирајќи го неговиот јазик и законитостите што го прават стрипот засебна уметност, и темелно истражува низ неговото минато доловувајќи дел од најбитните дела од деветтата уметност. Наспроти општото непрецизно мнение за стрипот како ништо повеќе од жанровска определба, засилено од холивудскиот тренд за филмување американски стриповски суперхерои, Османли одговара со пробивање на жанровските и тематски стеги и оди отаде стилските лимитации. И, водејќи се од мислата на стрип класикот Берн Хогарт за тоа дека „стрипот не треба да се бори да стане уметност, зашто тој веќе е тоа, но треба да се бори за неговото рамноправно место меѓу другите уметности“, Османли ѝ пристапува на оваа уметност како на (вистинска) уметност – академски, со сериозна посветеност и задлабочено.
Александар Стеванов