„Југослав“ е роман за загубата на таткото, а со него и загубата на детството, но и на државата во која бевме деца. За генерациите што растевме за време на распадот на Југославија, но уште повеќе, за генерацијата пред нас, онаа на нашите родители, што имаа можност дел од младоста да им мине во Југославија каква што ја паметат југоносталгичарите.
Ѕвонлив глас, циничен и сентиментален, нежен и отуѓен, што со шепот вика за новите луѓе без имиња и без презимиња, без работа и, божем, без големи мисли и соништа.
„Гладоморје“ претставува нов тип истражувачко искуство во македонската проза засновано врз принципот на асоцијативност, имагинативност со можна алегорија која упатува на универзални концепти на современото живеење, во кое насилството хиерархиски се издигнува над другите примитивни човекови опстојби.