



Утре, 9 февруари (сабота) излегува двојната винил компилација на PMG Recordings, по повод 20 години од нивното постоење и работа. Промоцијата е во 22 часот во МКЦ Скопје, со пригодна реч и настап на неколку артисти од лејблот.
Двојниот албум е во строго ограничен број и ќе биде достапен за набавка по промотивна цена на лице место. Доколку се пронаоѓате во терминот винил фетишист, или сте само љубител на сјајна музика и малку историја, ве советувам да дојдете многу рано и да си ја набавите плочата. Ќе ми заблагодарите подоцна.
А сега, прошетка од песна до песна, преку четирите страни на овој двоен винил, плоча без преседан во македонската музичка историја.
The John – Nie Sme od Skopje
Оригинална композиција на ПМГ Колектив, сепак оваа верзија на The John е без дискусија еден од најголемите македонски хитови на 21-виот век досега и симбол на градот. Трансцедентна евокација на магија за одбрана од зли духови.
PMG Kolektiv – Kontrol
Песна на годината 2008-ма според Канал 103. Класична PMG песна: ем инди, ем танц, ем тажно, ем мелодично, ем надеж, ем завиткано, ем премачкано со сите слоеви. Од денешен аспект е вистински куриозитет што пеат на англиски. Дури помалку непријатно.
Mr. Brown – Mr.Brown vs Devil
Болна и прекрасна композиција за висока свесност при чинот на одложено самоубиство. Еден од цветовите на силната Ѓорче Петров школа, за жал одамна повеќе не е со нас. Затоа тука се песните. Линк до песната тука.
Aleksandar Veliki – Ploči
Најпријатното изненадување на нашата музичка сцена во втората декада од овој век. Заразна и полетна химна на винил фетишот кој ја зафати планетава во последната деценија. Плочи. Два комада.
Bei the Fish – Living in a Box
Еден од најпопуларните бендови и вистински миленици на публиката. Нивните песни беа омилени и вртени, а нивните концерти секогаш преполни. Во моментот се во мирување, но типувам дека еден убав сончев ден ќе се вратат. Living in a box е еден од нивните најголеми хитови.
Mooger Fooger – Oki Trash
Првокласна скопска улична рокенрол химна. Западно Скопје никогаш не звучело подобро. Land mark композиција на Сеад Хаџиќ – Сецко и неговите ненадминливи Мугер Фугер. Една сосемa нова димензија ми доби градот кога за првпат ја слушнав оваа песна. Евергрин.
Bernays Propaganda – Bezbedno Levo
Револуционерните денови на македонскиот нов бран беа одбележени токму од оваа песна. Најуспешниот македонски бенд на 21виот век ги издаде првите 2 албума за PMG Recordings. Песнава е совршен спој на hard core лутина и сирова танцова енергија. Се за што се залагаме.
Millko – Sredba
Чувари на емоционалната страна на западно Скопје. Точка каде што се спојуваат Бис Без и The Smiths. Милко се за сакање.
Muhamed Ibrahimi – Fly
Виртуозен, фуриозен, интуитивен. Еден од најдобрите гитаристи, но и мандолинисти во овој дел на Европа.
Conquering Lion – Blind
Реге на PMG Recordings? Секако. Во прашање се „добри људи” од Тетово и еден од најголемите македонски хитови на модерното време. Вистинска гордост на плочава.
Lokalen Partiot – Gomno na Ploštad
Чудесна композиција напишана и отпеана како чин на протест против амбициите да се изгради црква на плоштад. Крик на едно Скопје кое се обидоа, но не успејаа да го задушат.
Robotek – Loop the Time
Жива легенда на македонската електронска сцена и скопскиот асфалт. Една од највредните фигури и оригинален артист на оваа дискографска куќа. Loop the Time се наоѓа во срцето на сите продуховени луѓе кои живееле во Македонија во овој период. Солзи и прегратки.
Kanton6 – TV Dnevnik
Кanton6 е парче вечност кое чека да биде откриено и проучувано. До тогаш, ќе биде најдобро чуваната тајна на Скопје и македонскиот темпорален бескрај. TV Dnevnik е глечер – клупски хит, во кој има замрзнато еден патак од премиер, детство во форма на џингл од вести и легендарна скопска досетка, која оди вака: ема есаса, есаса пипија.
Special People Club – Lica vo Ogledalo
Супер група која се формираше со цел да ја обработи оваа легендарна композиција од Бастион. Синиша, Дарко, Надежда, Љупа, Роботек…можеби и Бокси. Вистински скопски урбан фолклор.
Marija Kaeva – Zdravo te Sakam
Да се разбереме: госпоѓата Марија Каева е вистинска дива. Нејзиниот глас е сон за било кој композитор и продуцент. Оваа песна само го допре неверојатниот потенцијал кој оваа прекрасна пријателка го има во колизија со модерна диско музика. Заразно и опасно.
Duško Janevski – Mind Over Matter
Техно фанатик и продуцент чив квалитет расте долж конзистентноста и искрениот труд кој го вложува во својата продукција. И самиот сопственик на дискографска куќа, од време на време не части со понекое PMG издание. Топ трака. Линк до траката тука.
Aleksandar Pejovski – Leftover 1 feat.Tina Gorovska
Неверојатна, па и неповторлива колаборација со генијален резултат. Уникатна песна, мој персонален фаворит, до степен да сум љубоморен што немам и јас една ваква да испеам. Голем аплауз и искрено воодушевување кон господинот Пејовски и госпоѓицата Горовска.
Sethstat, Nikola Kodjabašija, Mirko Popov – Krugovi
И ова беше песна на годината на Канал 103. Во некои времиња од типот на 70ти, оваа нумера ладно би победила на Скопскиот фестивал и би била евергрин кој наизуст го знаат сите, па и малите деца. Во нашево време, само култна андерграунд химна на турбулентната душа.
Galatheia – Deset
Една од најголемите таленти на актуелната македонска музичка сцена. Даркерски, ама од нова, просветлена религија. Песна која боли и храни. За првпат на винил, само во вашиот град!
Mirko Popov Quartet – Solo
Вкус на нештата кои доаѓаат. Оваа песна досега не е издадена. Како да имате ексклузивна можност да ѕирнете во иднината. Ајде, ѕирнете 🙂
Pikolomini – Avioni
Најдобриот PMG артист кој никогаш не издавал за PMG. Бравурозниот Давид Ангелевски, еден од нашите водечки современи композитори, кој би сакале да го издаваме, но горди сме на него и без тоа. Си има тој сопствен лејбл (Шарла), но сепак е од наше маало. Да, тука карши, му гледаме во прозор. Нема кај да бега.
Comments
comments
Нема коменари.
Оставете коментар први.