Агенда.мк

контент агрегатор

Лила Милиќ, трансродова личност која не е жртва, туку херој Лила Милиќ, трансродова личност која не е жртва, туку херој
Фотографии: Лепа Георгиевска   Да, знаеме дека живееме во затворено општество, кое често реагира со страв и отфрлање на она што е инакво и... Лила Милиќ, трансродова личност која не е жртва, туку херој
Фотографии: Лепа Георгиевска

 

Да, знаеме дека живееме во затворено општество, кое често реагира со страв и отфрлање на она што е инакво и непознато. Но не сакаме само да ја повториме оваа негативна констатација, затоа што поважно од проблемот е како делуваш во врска со него.

Секогаш сме многу среќни кога запознаваме индивидуи кои храбро ја реализираат својата автентичност и покрај сите препреки. Токму таква е и Лила Милиќ, трансродова личност која отворено ја споделува својата приказна и делува за рушење на предрасудите.

Во нашиот разговор коментиравме како предрасудите најчесто се создаваат поради незнаење и колку е важна едукацијата и точното дефинирање на состојбите и поимите. Лила одлично и елоквентно го прави тоа преку активизам и учество на разни јавни и културни настани, а ние ви пренесуваме дел од суштински инспиративниот муабет со неа. И уште еднаш, јавно ја поздравуваме што наместо да ја прифати улогата на пасивна жртва, одбра да биде активна, современа хероина.

Неодамна те видовме како дел од изложбата „Девојките од Скопје“. Која беше темата на изложбата и твојата улога?

„Девојките од Скопје“ е прва изложба на фотографии од неколку трансродови девојки од Македонија. Имав чест и јас да бидам дел од оваа изложба чиј автор е фотографката Лепа Георгиевска. Тематски, „Девојките од Скопје“ е серија портрети во форма на блиска и пријателска средба со 6 транс жени од нашето локално опкружување.

Но, тоа не е мојот единствен проект. Во месец ноември учествував на Модниот викенд во Скопје каде бев дел од ревијата на модната дизајнерка Ирина Тошева за нејзината зимска колекција есен/ зима 2018/19 година. Се надевам дека и во иднина ќе имам вакви можности за учество во јавни настани, бидејќи сметам дека треба да им се даде повеќе простор на транс луѓето со цел да се зголеми видливоста на транс популацијата во опшеството.

Трансродова личност, како термин, опфаќа родов идентитет кој се разликува од родениот пол. Затоа, некои трансродови луѓе бараат и медицинска помош за промена на полот. Каква е твојата лична приказна и како се одвиваше патот на транзицијата?

Целиот процес на транзиција е тежок. За да дојдеш до потребната хормонска терапија треба да поминеш низ неколку чекори. Треба да најдеш медицински тим, т.е психијатар, ендокринолог и матичен лекар кои се сензибилизирани да работат со трансродови лица.

Јас ја немав таа среќа сето тоа да го завршам така брзо. Како прва пречка ми беше пронаоѓањето на соодветен психијатар. Едноставно не можев да најдам психијатар кој би сакал да работи со мене. Меѓутоа, по 6 месечна потрага успеав да најдам и тоа преку Коалиција Маргини. Потоа следат матичните лекари кои воопшто не се сензибилизирани и те гледаат малку чудно, те сметаат за болна, кога треба да ти препишат терапија.

Истото можам да го кажам и за ендокринолозите. Моментално сум на хормонска терапија која ја примам повеќе од 1 година и секако планирам да ја завршам целата транзиција со потврдување на родот. Тоа е термин кој се користи во замена на застарениот израз „промена на полот“ и со овој термин се истакнува дека се потврдува родот на поединецот со медицинска интервенција.

Без автентичност и храброст да го споделиме со светот своето вистинско јас, среќата и мирот се невозможни. Колку и како се промени твојот живот откако стана Лила?

Сакам да те поправам, јас не станав Лила, јас отсекогаш сум Лила само што сега собрав храброст да го покажам вистинското јас пред другите. Сепак не е лесно да се снајдете во едно општество какво што живееме ние, каде што многу тешко се прифакаат различностите.

Сум имала многу ситуации каде што сум била навредувана и дискриминирана. На пример кога одам во банка, или некоја друга државна институција, и каде што треба да дадам личен документ, наидувам на критики од страна на службениците, па дури клевети дека користам лажни документи. Ова е последица на немањето закон за правно признавање на родот. Можам да го променам името и презимето, меѓутоа се уште Министерство за правда не спроведува постапки за промена на ознаката за пол, и тој ти останува ист во документот. Исто така, Министерството за внатрешни работи нема постапка за промена на матичните броеви на транс луѓето кои ги имаат променето своите документи.

Со оглед на тоа дека си единствената трансродова личност во Македонија која отворено зборува на темава, а поважно и храбро ја живее, дали во тајност ти се обраќаат луѓе кои не се поистоветуваат со својот родов идентитет? Дали ти имаш „твои луѓе“, група или организација која те охрабруваше при транзицијата и контиунирано те поддржува?

Секако, тука се моите вистински пријатели кои иако се малку, можам да кажам дека имам 4-5 на кои вистински им верувам и кои се постојано тука за мене давајќи ми ја целосната поддршка. Тука е и мојот партнер, тука се луѓето од организацијата во која работам, тука се другарите и другарките, трансродови лица со кои имаме основано неформално движење кое се надеваме во скоро време ќе остане организација која ќе ги застапува и унапредува правата на трансродовите лица во Македонија. Ќе ја споменам и Коалиција Маргини, која секогаш ми излегува во пресрет за многу работи во животот.

Активна и гласна си и околу декриминализацијата на сексуалните работнички. Кажи ни нешто повеќе за овој твој социјален ангажман.

Јас сум долгогодишна поддржувачка на Маршот на црвениот чадор, и веќе 3 години сум асистентка на програмата за превенција на ХИВ кај клучни популации во Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР од Скопје.

На праг сме од Новата Година. Кои се твоите планови за 2019? Што би им порачала на читателите на Reborn, особено оние кои, од било каква причина, се двоумат да реализираат некој аспект од себе?

Пред сè, сакам да им порачам на сите да се прифатат себе си, такви какви што сте, нема подобро чувство од тоа да знаеш кој си и што сакаш во животот. Сметам дека само така човек може да биде среќен. Треба сите да зборуваме отворено и да не се плашиме од осуди и дискриминација, бидејќи само со истрајност можат да се поместат планини.

Моите планови за 2019 година се да продолжам со процесот на транзиција, се надевам дека во блиска иднина ќе направам хируршка реконструкција за потврдување на родот. Секако, останува борбата за унапредување на правата на транс лицата заедно со моите другари и другарки од ТрансФорма.

Comments

comments

Целиот текст тука!

REBORN

Оваа вест е превземена од ReBorn. Повеќе на www.reborn.mk

Нема коменари.

Оставете коментар први.

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *